На 24 април 2026 година, во просториите на Центарот за развој на Југозападен плански регион во Струга, се одржа информативен состанок посветен на реформите во рамки на Проектот за администрирање на социјалното осигурување (SIAP), организиран од Министерството за социјална политика, демографија и млади во соработка со Центарот за развој на Југозападен плански регион.
На состанокот присуствуваа претставници на Министерството за социјална политика, демографија и млади, претставници од проектната единица на МСПДМ, градоначалникот на Општина Македонски Брод, претставници на локалната самоуправа, како и членови на советите за социјална заштита на локално ниво. Вкупно присуствуваа 19 учесници, од кои 9 жени и 10 мажи, меѓу кои и 2 лица со попреченост.
Во рамки на состанокот беа презентирани клучните реформи што се спроведуваат преку SIAP, вклучително:
- воспоставување на Единствен регистар на задолжително социјално осигурување (SURS),
- воспоставување на Единствен систем за проценка на попреченост преку Централното координативно тело за проценка на лица со попреченост (CDCCU),
- реформа на системот за вработување на лица со попреченост,
- реформа на ризични професии и предвремено пензионирање.
Состанокот го отвори г-а Дрита Аслани, државен советник во Министерството за социјална политика, демографија и млади, која ги презентираше реформите и нивното значење за модернизација на системот на социјална заштита преку дигитализација, интеграција на институциите и поедноставување на административните постапки.
Г-а Елена Кочоска ја презентираше компонентата поврзана со воспоставувањето на единствениот систем за проценка на попреченост преку CDCCU, како и реформите поврзани со вработувањето на лицата со попреченост, со акцент на професионалната рехабилитација и подобрата вклученост на пазарот на трудот.
Во делот на Единствениот регистар на задолжително социјално осигурување (SURS), презентацијата започна од г-а Ирена Каракашев и беше продолжена од г-а Арлинда Балажи, при што беше нагласена улогата на системот во размената и интеграцијата на податоците, дигитализацијата на процесите и подобрувањето на административната ефикасност.
Во текот на дискусијата, учесниците изразија интерес за имплементацијата на реформите на локално ниво, споделија практични искуства и отворија прашања поврзани со функционирањето на новите системи и нивното влијание врз постојните социјални услуги. Беше истакната и потребата од подобра координација, дополнително информирање и зајакнување на капацитетите на локално ниво.
Состанокот придонесе за подобро разбирање на реформите и ја потврди важноста од континуирана комуникација и соработка меѓу централните и локалните институции за успешна имплементација на реформските процеси во рамки на SIAP.