На 20.05.2026 година во Центарот за развој на Вардарскиот плански регион во Велес се одржа информативна средба во рамки на Проектот за администрирање на социјалното осигурување (SIAP), поддржан од Светска банка.
На средбата учествуваа претставници од локални институции, единици на локална самоуправа и здруженија на лица со попреченост од регионот. Настанот беше организиран со цел запознавање на учесниците со законските измени и тековните реформски процеси во областа на социјалната заштита, со посебен фокус на системот за проценка на лица со попреченост и воспоставувањето на Единствен унифициран регистар за социјално осигурување.
Во рамки на настанот беа презентирани клучните компоненти на проектот, вклучувајќи го Централното координативно тело за проценка на лица со попреченост и системските решенија за унапредување на административните процеси преку дигитализација и интегрирано управување со податоци.
Учесниците активно се вклучија во дискусијата, при што беа отворени прашања поврзани со практичната примена на законските измени, методологијата на проценка, како и достапноста и квалитетот на податоците на локално ниво. Посебно беше истакната потребата од подобра координација меѓу институциите, како и поедноставување на процедурите со цел намалување на административниот товар за граѓаните.
Средбата претставуваше значајна платформа за размена на информации, искуства и предизвици помеѓу институциите и засегнатите страни, со заедничка цел унапредување на системските решенија и подобрување на услугите за лицата со попреченост.
Настанот помина во конструктивна и работна атмосфера.
Галерија:
