На 2–3 септември 2025 година, делегација од Република Северна Македонија реализираше студиска посета во Љубљана, Република Словенија, фокусирана на професионалната рехабилитација и вработувањето на лица со попреченост.
Посетата беше организирана во рамки на проектот SIAP на Министерството за социјална политика, демографија и млади, со поддршка од Светска банка и во соработка со надлежните институции на Република Словенија.
За време на дводневната програма, делегацијата се запозна со словенечкиот правен и институционален рамковен систем, механизмите за финансирање преку посебен фонд за попреченост, како и со практичната имплементација на услугите за професионална рехабилитација. Беа спроведени посети на Универзитетскиот рехабилитациски институт URI Соца и Институтот Папилот, каде беа презентирани конкретни модели и успешни практики за инклузија на лица со различни видови попреченост на пазарот на труд.
Разменетите искуства и добри практики претставуваат вредна основа за понатамошен развој на националниот модел за професионална рехабилитација и поддржано вработување во Северна Македонија.