На 2 декември 2025 година, во Министерството за здравство се одржа состанок со претставници од сите комисии надлежни за проценка на попреченост и за утврдување на правото на надоместок за помош и нега од друго лице.
Учесниците беа запознаени со обврските што произлегуваат од Законот за системот за проценка на лица со попреченост, како и со потребата од примена на новата нацрт Национална методологија за проценка. Оваа методологија се заснова на Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје (ICF) — рамка развиена од Светската здравствена организација (СЗО) за мерење на здравјето и попреченоста на индивидуално и популациско ниво.
За време на состанокот детално беше презентирана планираната постапка за пилотирање на методологијата. Пилотот ќе се спроведува паралелно со редовните проценки. Истовремено беше нагласено дека успешната имплементација на новиот систем бара координација меѓу институциите, навремена размена на податоци и усогласени процедури во сите комисиски тимови.
Претставниците на комисиите го поздравија новиот пристап, оценувајќи го како значаен чекор напред — не само во процесот на проценка, туку и во целокупната перспектива и пристап кон лицата со попреченост, во согласност со современите принципи за човекови права и функционалната ориентација на ICF.