Министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски оствари работна средба со претставници на Светска банка, г-ѓа Мануела Софија Станкулеску, специјалист за социјална заштита и лидер на тимот, г-ѓа Маријана Јасаревиќ, сениор специјалист за социјална заштита, г-ѓа Санела Љуца, виш оперативен службеник, и г-ѓа Георгијана Блај, специјалист за социјална заштита на која се разговараше за статусот на реализација на Проектот за администрација на социјалното осигурување (СИАП), приоритетните активности и следните чекори во неговата имплементација.
СИАП претставува значаен реформски проект кој опфаќа повеќе системски активности насочени кон унапредување на системот на задолжително социјално осигурување, системот за проценка на попреченост, професионалната рехабилитација и поддршката при вработување на лицата со попреченост, како и унапредување на системот поврзан со работните места и занимањата со зголемен ризик за кои се признава стаж на осигурување со зголемено траење.
Во изминатиот период е постигнат значителен напредок во реализацијата на проектните активности. Воспоставена е Управата за водење на Регистарот на задолжително социјално осигурување, а развојот на софтверското решение за задолжителното социјално осигурување е во завршна фаза. Спроведена е и дигитализација на архивата на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување, при што се дигитализирани приближно 53.000 досиеја. Воедно, изготвен е предлог-закон за уредување на стажот за кој недостига М4 образец во матичната евиденција на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување.
Во делот на системот за проценка на попреченост, завршено е пилотирањето на нацрт-националната методологија за проценка на лица со попреченост, воспоставено е Координативното тело за проценка на попреченост, а развојот на софтверот за администрирање на единствениот систем за проценка на попреченост е во завршна фаза.
Дополнително, изработен е предлог-текст на Законот за професионална рехабилитација и поддршка при вработување на лица со попреченост. Подготвен е и предлог за ревизија на листата на работни места и занимања со зголемен ризик за кои се признава стаж на осигурување со зголемено траење во приватниот и јавниот сектор, како и техничка спецификација за развој на Регистарот на работни места и занимања со зголемен ризик.
Во следниот период активностите ќе продолжат со засилена динамика, со цел целосна реализација на започнатите процеси и понатамошно унапредување на евиденцијата на задолжителното социјално осигурување, системот за проценка на попреченост, како и системот за професионална рехабилитација и поддршка при вработување на лицата со попреченост.
Министерот Ѓоко Велковски ја истакна важноста од континуираната соработка со Светска банка во реализацијата на реформските процеси, со цел создавање поефикасен, модерен и функционален систем на социјално осигурување и заштита, кој ќе одговори на потребите на граѓаните.

